Enes Canlı
28 Јануари 2023•Ажурирај: 30 Јануари 2023
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелската полиција приведе 42 Палестинци во рацијата спроведена по нападот во кој загинаа седум лица во окупираниот Источен Ал Кудс (Ерусалим), известува Агенција Анадолија (АА).
Израелските сили спроведоа рации приведувајќи Палестинци по вооружениот напад во еврејската населба во Источен Ал Кудс во кој загинаа најмалку 7 лица.
Рациите се спроведени против семејството и роднините на Палестинецот Хајри Алкам, кој е извршител на нападот, при што се приведени 42 лица.
Се наведува дека 21-годишниот Хајри Алкам, кој го извршил нападот, имал постојан престој во Источен Кудс и живеел во населбата Тур.
Од Здружението на палестински затвореници се наведува дека израелската полиција привела најмалку 45 Палестинци во врска со нападот во кој загинаа 7 лица.
Напаѓачот дошол во синагогата на плоштадот во центарот на еврејската населба Неве Јаков во окупираниот Ал Кудс и пукал кон насобраните луѓе.
Израелската полиција објави дека го бркала напаѓачот, кој со автомобил се обидел да избега од местото на нападот и го неутрализирала во престрелката што настанала.
Тензиите на Блискиот Исток се зголемија по израелскиот напад во кој животот го загубија 9 Палестинци во бегалскиот камп во Џенин. Истиот ден во Источен Кудс убиен е и 22-годишен Палестинец.
Во нападите на израелските сили од почетокот на оваа година досега врз окупираниот Западен Брег и Источен Ал Кудс, животот го загубија најмалку 30 Палестинци, меѓу кои имаше и жени и деца.