ВАШИНГТОН (АА) - ХАКАН ЧОПУР/САВФАН АЛАХВЕРДИ -
Екипата на Anadolu Agency (AA) во Вашингтон ги сними Реџеп Озкан и Мевлут Хилми Чинар, двајцата видни лица на терористичката организација ФЕТО, за која во повеќе судски процеси е потврдено дека стои зад обидот за пуч во Турција на 15 јули 2016 година.
Озкан и Чинар, за кои е познато дека имаат многу значајна улога за финансиските прашања на ФЕТО и раководат со институциите на ФЕТО во САД, се видени од фоторепортерот и снимателот на АА при нивната средба во дворот на хотелот „Хемптон ин“ во Вашингтон. Тие не сакале да одговараат на прашањата на новинарот на АА.
По средбата во вашингтонскиот хотел, двајцата припадници на ФЕТО се упатиле кон друга локација, каде што се задржале два и пол часа.

- Побегнал велејќи „морам до тоалет“ -
По нивното излегување од зградата ги пречекала екипата на АА, по што Озкан и Чинар, видливо збунети и изненадени, побегнале, не сакајќи да одговараат на прашања. Озкан се оддалечил од екипата на АА, велејќи дека „мора да оди до тоалет“.
Чинар, кој малку поспоро се движел кон хотелот, новинарот на АА успеал да го праша за неговите пораки на социјалните мрежи во текот на обидот за пуч, во кои тој наведуваше дека се работи за „монтиран обид за пуч“.
„Велевте дека обидот за пуч е монтиран, но вашиот водач Фетула Ѓулен подоцна призна дека е можно и неговите луѓе да учествувале во обидот за пуч. Дали вие лажете или Ѓулен?“, го запраша новинарот на АА, но Озкан не сакаше да даде одговор.

Чинар, кој е поранешен заменик на претседателот на Фондацијата „Нијагара“, чијшто почесен претседател е водачот на организацијата ФЕТО, Фетулах Ѓулен, не сакаше да одговори на прашањето зошто ги финансирал информативните портали во САД „Globe Post“ и „Defense Post“, кои вршеа пропаганда против Турција.
На овие портали се објавени текстови на Синам Мухамед, кој е претставник на ЈПГ, огранок на терористичката организација ПКК во Сирија. На чело на „Globe Post“ се наоѓа Махир Зејналов, едно од водечките имиња во медиумската структура на ФЕТО.
Мухамед и понатаму продолжува да пишува текстови против Турција, а особено беше активен кога стануваше збор за операцијата на турската Армија во Сирија „Маслинова гранка“.
Чинар во САД ја основаше и консултантската фирма за менаџмент „Maestro Corporate Group“, а оваа компанија вршела услуги за финаниско советување и на НБА-кошаркарот Енес Кантер, кој е од претходно познат припадник на ФЕТО.
Кантер, кој себеси во медиумите и јавноста се претстави како духовен син на Фетула Ѓулен, го промени и своето презиме во Ѓулен, откако семејството се откажа од него. Кошаркарот сè уште соработува со компанијата.
- Поддршка за Клинтон од 1,5 милиони долари -
Поранешниот претседател на Турскиот културен центар на ФЕТО, Реџеп Озкан, кој во текот на претседателската кампања ја поддржа кандидатката на Демократската партија, Хилари Клинтон, со 1,5 милиони долари, живее во њујоршки Бруклин и има вила вредна 1,4 милиони долари.
Голем број „водечки имиња“ на терористичката организација ФЕТО, кои пред или по обидот за пуч побегнаа од Турција, во земјите во кои во моментот се наоѓаат водат сосема удобен живот, а на тоа укажуваат и цените на луксузните вили во кои денес живеат следбениците на Фетула Ѓулен.
Се заклучува дека условите во кои престојуваат припадниците на ФЕТО се многу подобри од просечниот американски стандард, и дека американскиот сон на луѓето на ФЕТО веќе одамна станал јаве.
Имотот на припадниците на ФЕТО кои од претходно престојуваат во САД се проценува на милиони долари, но ништо помалку завиден не е ни имотниот картон на оние кои во САД побегнале по пучот, па и оние кои денес живеат во вили чија вредност се проценува на неколку стотици илјади долари.
- Роднина на Ѓулен со викендичка во Флорида, покрај брегот на Атлантскиот Океан -
Меѓу нив секако се истакнува и роднината на водачот на терористичката организација Фетулах Ѓулен, по име Џевдет Туркиолу. Тој е сопственик на две куќи во Пенсилванија и Флорида, а нивната вредност изнесува околу 900.000 долари.
Освен куќите, Туркиолу е сопственик и на неколку деловни простори, а во регионот Винтер Спрингс на Флорида поседува викендичка која се наоѓа на само неколку минути од брегот на Атлантскиот Океан.
Туркиолу инаку е лице од висока доверба на Фетула Ѓулен, за него се смета дека е „каса“ на организацијата на Ѓулен, односно лицето што ги пренесувало неговите наредби до останатите членови на ФЕТО.
Кемал Оксуз, исто така, е едно од имињата на ФЕТО кои веќе подолго време престојуваат во САД. Оксуз, кој е претседател на Евроазиско-американскиот совет, живее во луксузна вила во градот Арлингтон, во сојузната држава Вирџинија, чија вредност е проценета на 1,7 милиони долари. Оксуз за престојот во оваа вила месечно плаќа 7.000 долари.
Вилата во која од 1999 година престојува водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, во Пенсилванија, се проценува на 400.000 долари. Таа е во сопственост на претседателот на една од организациите на Ѓулен, Сезаи Саблак. Освен што е на чело на организацијата, Саблак е поврзан со голем број компании кои дејствуваат во САД.
Во Турција е распишана црвена потерница за поранешниот полицаец и новинар Емре Услу. Тој моментално предава на Меѓународниот универзитет во Вирџнија, за кој се смета дека е поврзан со терористите на ФЕТО. Услу во Ферфакс живее во луксузна куќа, која во 2015 година ја купил за 400.000 долари.
Претседателот на Турско-американскиот сојуз (TAA) Фарук Табан, исто така е едно од водечките имиња на ФЕТО. Живее во регионот Сентервил во Вирџинија, каде што поседува луксузна куќа во вредност од 470.000 долари.
Едно од имињата кое е познато по многу блискиот однос со Ѓулен е и Хасан Али Јуртсевер, претседателот на организацијата „Rumi Forum“. Тој е сосед на Емре Услу, живее, исто така, во градот Ферфакс во дуплекс куќа од 515.000 долари. Во градот Ашборн живее и Талха Сарач, исто така човек на Ѓулен, чија куќа се проценува на половина милион долари.