Handan Kazancı
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) – Американски маршали брутално удирале две момчиња при нивното приведување минатиот месец во американската сојузна држава Мисисипи, јавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американската непрофитна новинска организација „Интерсепт“ (The Intercept) минатата недела објави дека две момчиња на возраст од 16 и 17 години биле приведени во Џексон, Мисисипи, на 16 септември, под обвинение дека се поврзани со пукањето во близина на градот Кантон, што се случи во август.
„На снимката од приведувањето се гледа дека едниот од службениците го спроведува момчето, кое е без маица и со лисици, покрај другиот службеник, кој се доближува до момчето и го удира по лицето, предизвикувајќи силен звук при ударот и оставајќи го да крвави од неговата уста и нос“, се вели во објавата.
Цититајќи го адвокатот кој застапува еден од тинејџерите и неговата мајка, „Интерсепт“ објави дека тинејџерите кажале дека „службениците психички ги малтретирале додека тие имале лисици на рацете и ги удирале со зелен продолжен кабел, надвор од дофатот на камерата“.
Случајот се истражува од страна на американската полиција.
Според објавата, службениците биле дел од Регионалната работна група за бегалци при Маршалската служба на САД за крајбрежјето на Мексиканскиот Залив. „Маршалите не носеа камери на нив“, се додава.
Основана во 2006 година, службата работи во Алабама и Мисисипи и „локалните и државните полицајци ги заменува со маршали, нудејќи им зголемена моќ за пронаоѓање луѓе кои се барани за насилни кривични дела“, се наведува во објавата.
Според „Интерсепт“, единицата пукала и убила 20-годишен човек во 2019 година.