Ekipa
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
ТУНИС (АА) - Новата влада на Тунис денеска положи заклетва, неколку недели откако Најла Боуден беше назначена за прва мандатарка во историјата на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата на положувањето заклетва се одржа во Претседателската палата во Картагина.
Тунискиот претседател Каис Саид на 29 септември ја назначи Боуден за нова премиерка на земјата, по два месеца откако ја презеде извршната власт.
Во претходна објава на Фејсбук, Претседателството објави дека Саид ја одобрил новата влада избрана од Боуден.
Се наведува дека осум од 23 министерски позиции во новата влада им припаднале на жени.
По нејзиното назначување, Боуден рече дека нејзината влада е посветена кон подобрување на владините услуги и условите за живот на граѓаните, како и кон враќање на довербата на меѓународната заедница во оваа северноафриканска земја.
На 25 јули, тунискиот претседател Каис Саид ја собори Владата, го суспендираше Парламентот и ја презеде извршната власт. Додека тој инсистира дека неговите „исклучителни мерки“ имаат за цел да ја „спасат“ земјата, критичарите го обвинуваат дека организирал државен удар.
Тунис се смета за единствена земја што успеа да спроведе демократска транзиција меѓу арапските земји кои беа сведоци на народни револуции, соборувајќи ги владејачките режими, вклучувајќи ги Египет, Либија и Јемен.