Islam Uddin
20 Август 2025•Ажурирај: 21 Август 2025
АНКАРА (АА) – Австралија денес му возврати на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради неговиот остар напад врз премиерот Ентони Албаниз откако Канбера објави дека ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во септември, пренесува Анадолу.
Министерот за внатрешни работи Тони Бурк во интервјуто за „Еј-би-си њуз“ изјави дека Нетанјаху ги „нападнал“ земјите што ја поддржуваат палестинската државност, но нагласи дека Австралија нема да биде заплашена.
Тој порача дека „силата не се мери според тоа колку луѓе можеш да разнесеш или колку деца можеш да оставиш гладни“, додавајќи дека вистинската сила е во тоа што премиерот Ентони Албаниз директно му ја соопштил на Нетанјаху одлуката што Израел не ја одобрува.
Неговата реакција дојде по објавата од кабинетот на Нетанјаху на платформата на американската компанија за социјални медиуми Х, во која Албаниз беше наречен „слаб политичар што го предаде Израел и ги напушти Евреите во Австралија“.
Бурк, исто така, ја бранеше неодамнешната одлука на Австралија за поништување на визата на крајно десничарскиот пратеник во израелскиот Кнесет, Симча Ротман, пред неговата посета овој месец, поради неговите претходни коментари во кои децата во Газа ги нарече „непријатели“ на Израел.
„Ако некој сака да дојде во посета со јавни говори и јавно да ги искаже тие ставови за израелските деца, јас би ја блокирал визата“, рече Бурк.
„Нема да одредам пониска граница за заштита на ставови кои се фанатични кон палестинскиот народ“, додаде тој.
Во понеделник австралиската Влада му ја поништи визата на Ротман, забранувајќи му влез во земјата три години.
Во ноември 2024 година Австралија ја одби за виза поранешната израелска министерка за внатрешни работи и правда, Ајелет Шакед, поради нејзината поддршка на нелегалната изградба на населби на окупираниот Западен Брег.
Во понеделник Израел, исто така, им ги поништи визите на австралиските претставници за Палестинската управа како одговор на одлуката на Австралија да ја признае палестинската држава и да му забрани влез на крајно десничарски израелски политичар.
Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг ја нарече израелската одлука „неоправдана реакција“ на потегот на Австралија да ја признае Палестина.
Неколку земји, меѓу кои Франција, Велика Британија, Малта, Канада и Португалија, исто така, објавија планови за признавање на палестинската држава на состанокот на Генералното собрание на ОН следниот месец во Њујорк.
Признанието доаѓа во време кога Израел продолжува со бруталните напади врз Појасот Газа, во кој се убиени повеќе од 62.000 Палестинци од октомври 2023 година.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.