Diyar Güldoğan
29 Април 2025•Ажурирај: 30 Април 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека започнала истраги против Универзитетот Харвард и магазинот за право „Харвард ло ривју“, поради наводи за расна дискриминација при изборот на уредници и објавување на научни трудови, јавува Анадолу.
Канцелариите за граѓански права при Министерството за образование и Министерството за здравство на САД соопштија дека истрагите се подигнати врз основа на информации дека расата има значајна улога во процесот на селекција на членови и статии во реномираното правно списание, што може да претставува прекршување на Законот за граѓански права од 1964 година.
„Процесот на избор на статии во 'Харвард ло ривју' изгледа како да избира добитници и губитници врз основа на раса, применувајќи систем на поделба на привилегии, каде што расата на правниот научник е подеднакво или дури и поважно мерило од квалитетот на поднесената статија“, изјави помошник-секретарот за граѓански права, Крег Трејнор.
„Барањата на Наслов VI се јасни: примателите на федерална финансиска помош не смеат да дискриминираат врз основа на раса, боја на кожа или национално потекло. Ниедна институција – без оглед на нејзиниот углед, престиж или богатство – не е над законот. Администрацијата на Трамп нема да дозволи Харвард, или кој било друг примател на федерални средства, да ги гази граѓанските права на кого било“, додаде Трејнор.
Минатата недела, Универзитетот Харвард поднесе тужба против администрацијата на Трамп, откако федералната влада укина повеќе од две милијарди долари финансирање за ова елитно училиште.
Универзитетот е првата голема високообразовна институција што јавно се спротивстави на директивите на администрацијата, кои, според официјални претставници на Трамп, имаат за цел борба против антисемитизмот по протестите во кампусите во врска со војната на Израел во Појасот Газа.
Администрацијата, исто така, ги цели и програмите за различност, еднаквост и инклузија (DEI), кои ги нарече „нелегална и неморална дискриминација“.