Saimir Alija
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
ТИРАНА (АА) - Албанскиот премиер, Еди Рама, денеска на состанокот на Националното собрание на Социјалистичката партија ги презентираше измените во Кабинетот, јавува Anadolu Agency (АА).
Во својот говор на состанокот на владејачката партија, Еди Рама, истовремено претседател на Социјалистичката партија, рече дека министрите кои денес заминуваат имаат многу позитивна улога во сè што направиле и во трансформациите што ги донеле.
Премиерот Рама го претстави новиот вицепремиер, Ерион Браче, функција што ја вршеше Сенида Меси. Генти Цака беше предложен за министер за Европа и надворешни работи, функција претходно вршена од Дитмир Бушати.
За функцијата министер за образование, млади и спорт на местото на Линдита Никола беше предложена Беса Шахини. Белинда Балуку беше номинирана за функцијата министер за инфраструктура и енергија, наместо Дамјан Ѓикнури.
Анила Денај беше предложена за функцијата министер за финансии и економија, наместо Арбен Ахметај. На местото министер за земјоделство и рурален развој наместо Нико Пелеши беше предложен Бледи Чучи.
На функцијата министер за култура беше предложена Елва Маргарити, наместо Мирела Кумбаро Фурџи, а Едуард Шалси за државен министер за заштита на претприемништвото, функција што ја вршеше Сонила Ќато. Исто така, Рама предложи и министер за односи со Парламентот, функција што ќе ја врши Елиса Спиропали.
„Би било неточно да се каже дека денешните измени се резултат на неуспеси. Не, промената доаѓа како резултат на потребата и неопходноста да се прошири нашиот капацитет во центарот и на теренот, капацитет за управување и комуникација во секоја заедница. Сите оние што имаат 5 години во Кабинетот ќе им го препуштат местото на другите и би сакал посебно да им се заблагодарам“, рече Рама за време на неговиот говор.