Kübra Chohan
22 Јули 2018•Ажурирај: 23 Јули 2018
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изрази длабока загриженост поради новата ескалација на насилството помеѓу Израел и палестинското движење Хамас, јавува Anadolu Agency (AA).
„Длабоко сум загрижен поради опасната ескалација на насилството во Газа и на југот од Израел“, соопшти доцна синоќа челникот на ОН, Гутереш.
Осудувајќи ги нападите во кои имаше настрадани, Гутереш ги повика двете страни веднаш да се повлечат, да стават крај на конфликтот за да не предизвикаат нова катастрофа во овој регион.
„Продолжувањето на конфликтот ќе донесе само нови жртви на двете страни, би ја продлабочило хуманитарната катастрофа и би ги загрозило напорите за подобрување на животниот стандард во Појасот Газа“, изјави Гутереш.
Вчера палестинското движење Хамас објави прекин на конфликтите со Израел, со цел да се релаксира ситуацијата во оваа палестинска енклава.
И израелските сили соопштија дека мештаните на пограничните израелски населби не треба да стравуваат повеќе, бидејќи на границата со Газа се воспоставува ред.
Претходно, во конфликтот на границата со Газа беа убиени четворица Палестинци и еден израелски војник.
Илјадници Палестинци, од крајот на март протестираат на границата со Газа, со барање да се стави крај на израелската блокада и да се вратат протераните Палестинци. Во интервенциите на израелските сили, беа убиени повеќе од 140 демонстранти.