Cüneyt Karadağ
24 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, истакна дека како земји од Г7 нема да дозволат светот да гладува поради војната на Русија против Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Аналена Баербок, на заедничката прес-конференција со нејзиниот американски колега Ентони Блинкен, изјави: „Како Г7, нашата порака е јасна. Нема да дозволиме руската војна да го доведе светот до глад.“
Баербок, наведувајќи дека дејствувале заеднички со Соединетите Американски Држави, истакна: „Со нашите меѓународни пријатели гледаме дека Русија намерно ги дестабилизира сите земји со кризата со житото и дозволи цените на храната да се зголемат.“
Германската министерка истакна дека најмоќните индустријализирани земји во светот дејствувале со посебна одговорност против војната што Русија ја води во Украина.
Американскиот државен секретар Блинкен, исто така, критикувајќи ја руската агресија против Украина и руската блокада на пченицата и на други прехранбени производи што треба да се извезуваат од Украина, нагласи: „Ние сме обединети да ги браниме заедничките вредности. Обединети сме да ги браниме човековите права, демократијата и меѓународното право.“
Меѓу другото, Блинкен ѝ се заблагодари на Германија што е лидер на седницата за безбедност на храната.