Selen Temizer
24 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Откако Украина и Молдавија вчера го добија статусот на „земји кандидати“, бројот на земји кои чекаат да бидат членки на ЕУ се искачи на седум, јавува Агенција Анадолија (АА).
На првиот ден од состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел вчера (23 јуни), Украина и Молдавија го добија кандидатскиот статус, додека на Грузија ѝ беше претставена европската перспектива и беше одлучено ситуацијата на земјата подоцна да се преоцени доколку одговара на критериумите.
Па така Грузија, го зазеде своето место помеѓу „потенцијалните кандидати“, дури иако не е јасно наведено.
Шест балкански земји беа одредени како „потенцијални кандидати“ на состанокот на лидерите на ЕУ одржан во грчкиот пристаништен град Солун во 2003 година. Додека Босна и Херцеговина и Косово се сѐ уште во оваа категорија, Црна Гора, Србија, Албанија и Северна Македонија добија статус на „земји кандидати“ во годините кои следуваа.
‒ Туркије ‒
Анкара аплицира да стане членка на ЕУ во 1959 година и преговорите започнаа во годините кои следуваа за земјата да ги исполни очекувањата на Блокот.
Во турскиот Парламент беше формирана Комисија за хармонизација со ЕУ на Туркије. На 19 мај 2003 година, Советот го усвои Документот за партнерство за пристапување на Туркије.
Преговорите за земјата да добие статус за членство сѐ уште продолжуваат.
‒ Црна Гора ‒
Оваа балканска земја аплицира за членство во ЕУ во 2008 година.
Во 2010 година Европската комисијаодреди седум приоритети за почеток на преговорите по изразувањето позитивно мислење во врска со ова прашање.
Во декември 2011, Европскиот совет го започна процесот за членство на земјата и ги започна преговорите со Црна Гора на 29 јуни 2012 година.
‒ Србија ‒
Србија официјално аплицира за членство во ЕУ во 2009 година. Земјата доби статус на земја кандидат во март 2012 година.
Во септември 2013 година, Србија и ЕУ потпишаа Спогодба за стабилизација и асоцијација.
За Србија преговорите за членство официјално започнаа со првата меѓувладина конференција во јануари 2014 година.
‒ Албанија ‒
Официјалното барање од Албанија да биде земја членка на ЕУ дојде во 2009 година. Во 2010 година, Европската комисија постави 12 услови за земјата да стане кандидат за членка.
Во октомври 2012 година, Комисијата усвои препорака за доделување на Албанија статус за кандидат на ЕУ, под услов да се завршат клучните реформи во судството и јавната администрација.
Советот на ЕУ ѝ додели кандидатски статус на земјата во јуни 2014 година.
‒ Северна Македонија ‒
Северна Македонија аплицира за членство во ЕУ во март 2004 година. По позитивниот пристап на Комисијата во ноември 2005 година, Европскиот совет одлучи да ѝ даде статус за кандидат на земјата во декември 2005 година.
Бугарија продолжи со вето за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија.
‒ Босна и Херцеговина ‒
Босна и Херцеговина го претстави своето барање за членство во ЕУ во февруари 2016 година. Европската комисија го прифати во мај 2019 година и идентификува 14 основни приоритети кои треба да се исполнат за земјата да стане земја членка.
Европскиот совет ги одобри препораките на Комисијата во декември 2019 година, и оттогаш земјата е потенцијална земја кандидат.
‒ Косово ‒
Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Косово стапи на сила во април 2016 година, но земјата сѐ уште нема поднесено барање за официјално членство. Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Администрацијата на кипарските Грци не ја признаваат независноста на Косово.
„Кандидатскиот статус“ го сочинува првиот чекор во процесот на пристапување на една земја во ЕУ.
По доделувањето на кандидатски статус на една земја, пристапните процеси започнуваат во подоцнежните фази, под услов да се исполнат условите на ЕУ. За започнување и за завршување на пристапните преговори може да поминат и повеќе години.