Corey Blackman
19 Април 2016•Ажурирај: 20 Април 2016
САНТО ДОМИНГО (АА) - Спасувачките екипи и понатаму ги пребаруваат рушевините настанати од разорниот земјотрес кој го погоди северниот брег на Еквадор во ноќта сабота кон недела, а досега под срушените згради извлечени се над 400 безживотни тела, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за координација на безбедноста во Еквадор соопшти дека синоќа до полноќ билансот на настраданите во земјотресот изнесувал 413 загинати и 2.068 повредени лица.
„Наш приоритет е потрага и спасување, воспоставување комуникација, испорака на храна и вода за загрозените и згрижување на луѓето кои останаа без кров на главата”, изјави службеникот на Управата за вонредни сосотојби, Рикардо Пена Херера.
Херера истакна дека во Еквадор во овој момент најпотребна е помош од питка вода и не-расиплива храна.
Еквадорскиот министер за економија соопшти дека Еквадор од Интерамериканската банка за развој, Светската банка и Развојна банка на Латинска Америка има кредитна линија од вкупно 600 милиони долари за потребите при кризни ситуации по природни катастрофи.
Министерот за безбедност, Цезар Наваш, изјави дека бројните спасувачки екипи стигнале од различни делови на светот, инкорпорирани во локални тимови, посебно во Педемалас, кој речиси во потполност е девастиран во земјотресот, со само две или три неоштетени згради.