Mahmut Atanur
24 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
ЏАКАРТА (АА) - Бројот на загинати од цунамито што го зафати подрачјето на индонезискиот тснец Сунда се искачи на 373, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Националната агенција за справување со катастрофи, Сутопо Пурво Нугрохо, денес соопшти и дека бројот на повредени во цунамито, кое најверојатно е предизвикано од вулканска ерупција, достигнал 1.459 лица.
Нугрохо нагласи дека најмалку 128 лица сѐ уште се водат како исчезнати.
Претходно, тој истакна дека 611 домови и многу други објекти се оштетени во цунамито - најмногу во подрачјата на Пандегланг, Јужен Лампунг и Серанг.
„Во подрачјето на Пандегланг загинаа 207 лица, 755 се повредени, 7 лица се водат како исчезнати и 11.453 лица се раселени“, се вели во соопштението.
Повеќето од жртвите биле пронајдени во хотелите и во селото Самболо.
„Во подрачјето на Серанг загинаа 12 лица, 30 се повредени, а 28 лица се исчезнати“, додава Нугрохо.
Цунамито исто така оштетило околу 70 хотели и вили, 60 продавници, 350 брода и чамци и 71 возило.
Крајбрежните делови во должина на плажите Карита, Панимбанг, Телук Лада, Сумур и плажата Танџунг Лесунг претрпеа сериозна штета.
Претходно, од Агенцијата изјавија дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи не се регистрирани сите погодени области.
Тимовите за итни случаи се наоѓаат во областите погодени од цунамито, а распоредена е и тешка машинерија за помош при евакуацијата и итното расчистување на теренот.
Според индонезиската Агенција за метеорологија, климатологија и геофизика, цунамито може да било предизвикано од подморското лизгање на тлото по ерупцијата на вулканот Анак Кракату.
Агенцијата соопшти дека цунамито се случило околу 24 минути по вулканската ерупција.
Индонезија лежи во т.н. „Огнен прстен“ во Тихиот Океан, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности.
На 28 септември годинава, подрачјето на островот Сулавеси го потресе земјотрес со интензитет од 7,5 степени, по кој следуваше цунами. Во оваа природна катастрофа животот го загубија над 2.000 лица, а околу 1.500 лица се водат како исчезнати.
Индонезија се наоѓа во пацифичкиот „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности. На 26 декември 2004 година ова подрачје го потресе земјотрес со интензитет од 9,1 степен, по кој следуваше цунами кое имаше разорни последици. Во овие природни катастрофи што ги зафатија и териториите на соседните земји, животот го загубија 230.000 лица.