Ömer Erdem
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
КАРТУМ (АА) – На протестите во Судан, што се одржуваат повеќе од една недела поради екстремните зголемувања на цените на основните прехранбени производи и цените на горивата, 19 лица го загубија животот, а повредени се 406 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Суданскиот министер за информации, Бишара Џума Арур, одржа прес-конференција на која истакна дека протестите организирани поради зголемувањето на цените на почетокот беа мирни, полицијата не интервенирала, но со текот на времето преминале во насилни и екстремни.
„Некои внатрешни и надворешни центри, со цел да ги спроведат своите агенди, се обидуваат да профитираат од настаните“, рече Арур.
Тој наведе дека во демонстрациите загинале 19 лица, од кои 2 се припадници на безбедносните сили, а повредени се 406 лица, од кои 219 припадници на безбедносните сили. Арур информираше дека здравствената состојба на повредените е добра.
Според суданската официјална новинска агенција СУНА, тројца од загинатите се од провинцијата Север, 5 од реката Нил, 6 од Гадариф, 3 од провинцијата Бел Нил, и 2 од припадниците на безбедносните сили.
- „По 15 јануари, ќе се реши проблемот со лебот, горивото и недостигот на готовина“
Арур истакна дека дел од загинатите починале во пресметките меѓу ограбувачите и сопствениците на продавниците. „На протестите кои прераснаа во насилни, во неколку провинции има јасни оштетувања на имотот на јавни институции и на приватни лица. За да се надомести штетата, формирана е комисија и ќе се направи сѐ што е потребно“, изјави Арур.
Арур, истакнувајќи дека Владата ги презела сите мерки за излез од кризата, рече: „Проблемите ќе останат во минатото. По 15 јануари, ќе се реши проблемот со лебот, горивото и недостигот на готовина“.
- „Патот за промена на режимот е преку гласачката кутија“
Обраќајќи им се на оние што сакаат да го сменат режимот, Арур посочи дека тој пат води преку гласачките кутии.
„Поради политички несогласувања не можеме да ја урнеме нашата држава. Секој има право да побара смена на режимот, како дел од политичката арена, но тој пат води преку гласачките кутии“, нагласи Арур.
На прашањето кога училиштата ќе започнат со настава, Арур одговори дека се планира тоа да се случи по Денот на независноста - 1 Јануари.
„Сакаме медиумите да напредуваат во здрава средина, да работат професионално и во безбедни услови. Ги повикуваме претставниците на медиумите да ги пренесуваат вистинските факти и да го избегнуваат поттикнувањето на народот“, рече Арур.
Протестите во Судан што започнаа на 19 декември во градовите како што се Атбара и Порт Судан, следниот ден продолжија и во главниот град Картум. Демонстрантите протестираат поради економската криза и прекумерното зголемување на курсот на доларот, што предизвика раст на цените на лебот, горивото и гасот.