Ali İhsan Çam
28 Декември 2018•Ажурирај: 28 Декември 2018
ИСЛАМАБАД (AA) – Врховниот суд на Пакистан денес ѝ наложи на Владата да ја забрани фондацијата на терористичката организација ФЕТО, која ја води мрежата на училишта во таа земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Судот му нареди на Министерството за внатрешни работи, „Pak-Turk International Cag Education Foundation“ (PTICEF), групата поврзана со ФЕТО, која управува со училиштата во Пакистан, да ја прогласи за „забранета организација“ и нејзиното име да го стави на листата на терористички организации.
Врховниот суд на Пакистан, исто така, нареди училиштата и другите образовни институции што се поврзани со ФЕТО, да се предадат во надлежност на Фондацијата „Маариф“.
Исто така, на надлежните органи им е наложено целиот движен и недвижен имот кој е во сопственост на организацијата поврзана со ФЕТО, веднаш да го предадат на Фондацијата „Маариф“, која Турција ја основаше во 2016 година.
Фондацијата Маариф исто така основа училишта и образовни центри во странство. Локалниот адвокат Сухејл Саџид на 13 декември до Врховниот суд поднесе уставна петиција и барање, групата на ФЕТО да се прогласи за „единица за тероризам“ во Пакистан.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој се наоѓа во Соединетите Американски Држави, се одговорни за неуспешниот воен удар на 15 јули 2016 година во Турција, кога загинаа 251 лице и околу 2.200 лица беа повредени.