Şenhan Bolelli
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
БУНОЛ (АА) - Околу 22.000 граѓани учествуваа во борбата со домати на 72. фестивал „Ла Томатина“ во местото Бунол, во шпанската источна област Валенсија, јавува Anadolu Agency (AA).
За оваа цел беа обезбедени 160 тони домати, потврдено е од општината Бунол. Од таму истакнаа дека илјадници лица ги исполниле улиците на ова место и уживале во едночасовното гаѓање со домати.
Облечени во удобна облека и со заштита за очите, не сакаа да ја пропуштат овогодишната забава на улиците на ова мало шпанско место.
По војната со домати, улиците беа во потполност црвени. За обезбедување на овој настан беа ангажирани 740 полицајци и заштитари, здравствени работници и припадници на цивилната заштита.
Околу 65 отсто од учесниците на фестивалот се странци, како од Европа така и од САД, Јапонија, Австралија, Бразил, Колумбија, Аргентина и од Јужна Кореја.
Во последните пет години, влезот во „Ла Томатина“ беше бесплатен и за економијата на Бунол, во кој живеат 9.500 жители, ова е многу важен приход.
Фестивалот „Ла Томатина“ официјално започна во 1945 година. И тогаш во Бунол се одржуваше фестивал, но немаше гаѓање со домати ниту со што било друго. Еден од присутните поради нешто се налутил и почнал да шутира сѐ на што наишол. При тоа турнал и една тезга со зеленчук, а тогаш започнал општ метеж, при што сите започнале да се гаѓаат со зеленчуци. Ситуацијата се смирила по интервенција на полицијата. Во наредните години посетителите на фестивалот почнаа да носат домати од своите домови за да се гаѓаат.