Murat Ünlü
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
ПАРИЗ (АА) - Хабиб Рахман, еден од авторите на книгата што зборува за ситуацијата во Мјанмар, изјави дека во Аракан е извршен „тивок“ геноцид, јавува Anadolu Agency (AA).
Рахман тврди дека во Аракан, кој е изолиран од целиот свет, постојат 42 логори и никому не му е дозволено да ги види и да дојде до нив.
Писателот Рахман, кој потекнува од Аракан, вели дека убивањето на муслиманите на тоа подрачје започнало откако владата ги вооружила будистите.
Тој истакна дека само од 25. август досега, на подрачјето на Радедунг се убиени околу 500 аракански муслимани.
„Во 20 населени места на подрачјето Радедунг, Мунгдау и Буитдаунг, извршен е масакр“, појасни Рахман.
Тој истакна дека со нападите на будистите започнале и нападите на безбедносните сили. Според него, војската со тенкови ги прегазувала муслиманите кои бегале од своите домови.
Се претпоставува дека од насилствата се погодени околу 60.000 лица. Само околу 10.000 од нив успеале да избегаат до границата со Бангладеш.
„Поголемиот дел сѐ уште се кријат во шумите близу нивните домови, бидејќи при секој обид да ја променат локацијата, биваат пронајдени и убиени“, рече Рахман.
Меѓутоа, писателот Рахман потсети дека нападите на араканските муслимани започнале уште во јуни 2012 година.
„Ова е 'тивок' геноцид. Араканскиот народ систематски се апси и поголемиот дел е во логори повеќе од 5 години. Во Аракан постојат 42 концентрациони логори кои се изолирани од светот. Таму нема посета. Не е дозволено луѓе да одат таму“, вели Хабиб Рахман, еден од авторите на книгата во којашто се зборува за ситуацијата во Мјанмар.