Beyza Binnur Dönmez
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
АНКАРА
Украинскиот претседател денеска побара забрана за руските бродови на меѓународните пристаништа, барајќи нови санкции кон Москва, известува Агенција Анадолија (АА).
„Потребни ни се нови санкции против Русија, моќни санкции додека не престане да уценува други земји со нуклеарни ракети. И таа треба да ја плати највисоката цена за блокирањето на морето“, рече Владимир Зеленски во своето обраќањето преку видео-конференциска врска пред австралискиот Федерален парламент.
„На ниту еден руски брод не смее да му биде дозволен пристап на други меѓународни пристаништа. Купувањето нафта значи плаќање за уништување на глобалната безбедност“, рече Зеленски.
„Треба да сопреме каква било деловна активност на Русија, секој долар потрошен за уништување на народот. Ниту еден долар не треба да се дозволи да биде потрошен за уништување на глобалната безбедност и мора да сопреме каква било намера на Русија да ги заобиколи санкциите.“
Тој истакна дека ако светот ја казнеше Русија во 2014 година за нејзината незаконска анексија на украинскиот полуостров Крим, „немаше да има ваков терор на инвазија во Украина во 2022 година“.
Истакнувајќи дека Австралија има многу добро вооружено возило „Бушмастер“, претседателот рече дека Украина ќе биде многу благодарна доколку Австралија може да ги сподели тие возила и некои други делови на опрема што би можеле да ја зајакнат позицијата на земјата во однос на вооружувањето.
Околу авионот „Дрим“, најголемиот авион во светот кој го уништија руските сили, Зеленски рече: „Русија не го уништи нашиот сон, тие само уништија авион. Тоа е само опрема. Не е нашата слобода. Нашиот сон е непобедлив.“
Тој, исто така, побара меѓународна помош за обнова на Украина.
- Австралија вети дека ќе обезбеди дополнителна воена поддршка
„Австралиската Влада ќе обезбеди дополнителна воена поддршка на Украина „како одговор на руската, брутална и незаконска инвазија“ на барање на украинската Влада и претседателот“, изјавија од Кабинетот на австралискиот премиер во соопштението по обраќањето на Зеленски.
„За да го исполниме тоа барање, во партнерство со австралиската одбранбена индустрија, ќе обезбедиме дополнителни 25 милиони австралиски долари (AUD) (околу 18,7 милиони американски долари) одбранбена воена помош за Украинските вооружени сили“, се вели во соопштението, во кое се додава и дека тоа вкупно досега ќе донесе воена помош во вредност до 116 милиони американски долари.
Новата помош ќе вклучува тактички мамки, беспилотни воздушни и копнени системи и медицински материјали.
„Дополнително, обезбедена е хуманитарна помош на Австралија од 65 милиони американски долари, 70.000 тони термален јаглен за задоволување на енергетските потреби на Украина, како и визи за привремена заштита и поддршка за групите на украинската заедница во Австралија“, се додава восоопштението.
„Ние ќе продолжиме да воведуваме санкции кон Русија преку поединци и ентитети, вклучително и за претседателот [Владимир] Путин и неговиот круг на олигарси и пропагандисти, воени команданти и членови на Парламентот“, се забележува во соопштението.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Досега во војната во Украина загинаа најмалку 1.189 цивили, а 1.901 лице се повредени.
Повеќе од 4 милиони Украинци ја напуштија земјата, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.