Nilay Kar
22 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
ЏАКАРТА (АА) - Бројот на загинати во земјотресот и цунамито што ја погодија Индонезија минатиот месец се искачи на 2.256, се вели од Агецијата за национални катастрофи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на индонезиската Национална агенција за справување со природни катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека бројот на загинати лица во земјотресот и цунамито достигнал 2.256, а дека над 223.751 лица се раселени како последица на катастрофата.
Мисиите за пребарување и спасување запреа на 12 октомври, но волонтерските напори за спасување сè уште траат.
Вонредната состојба ќе биде на сила до 26 октомври.
Минатиот месец, по земјотресот што го потресе островот Сулавеси со интензитет од 7,5 степени, следуваше цунами во подрачјето на Донгала и Палу, во кое височината на брановите достигна и до 3 метри.
Индонезија се наоѓа во пацифичкиот „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности.
Во земјотресот што на 26 декември 2004 година ја потресе Индонезија со интензитет од 9,1 степени и во цунамито што следуваше по него, вклучувајќи ги и другите земји во регионот, животот го загубија 230.000 луѓе.