Ali H. M.Abo Rezeg
07 Ноември 2018•Ажурирај: 07 Ноември 2018
АМАН (АА) - Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Саеб Ерекат, денес истакна дека американската администрација е насочена против Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
„Американскиот претседател Доналд Трамп е насочен против Палестинците, обвинувајќи ги дека прават проблеми, бидејќи ја отфрливме неговата одлука во врска со Ерусалим“, изјави Ерекат за време на своето обраќање на Jорданскиот Универзитет во Аман.
Минатата година Трамп предизвика негодување во светски рамки, откако ги објави плановите за преместување на Амбасадата на Вашингтон во Израел, од Тел Авив во Ерусалим, и го призна градот како главен град на Израел.
„Американскиот претседател ни кажа дека нема да носи никаква одлука во врска со Ерусалим, но она што се случува, потврдува дека тој работи против нас“, рече Ерекат.
„Целиот свет го нарекува Ерусалим „црвена линија“. На што ја базира својата одлука администрацијата (на Трамп)?“, праша тој.
По контроверзниот потег на Трамп за Ерусалим, палестинското раководство во Рамала отфрли каква било посредничка улога на САД во блискоисточниот мировен процес.
Ерусалим останува во срцето на долготрајниот блискоисточен конфликт, во кој Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим (под окупација на Израел од 1967 година) некогаш ќе биде главен град на независна палестинска држава.