Haydar Karaalp
25 Септември 2021•Ажурирај: 27 Септември 2021
БАГДАД
Владата на Ирак соопшти дека ги одбила состаноците за нормализација на односите со Израел, известува Агенција Анадолија (АА).
„Владата на Ирак апсолутно ги отфрла илегалните состаноци на некои претставници на племиња во Ербил под слоганот за нормализација на односите со Израел“, се наведува во соопштението на Kабинетот на ирачкиот премиер.
Нагласувајќи дека учесниците на наведените состаноци застапуваат само лични ставови, а не и на ирачкиот народ, во соопштението се вели дека состаноците имаат за цел поттикнување секташка поделба пред предвремените избори закажани за 10 октомври.
„Исто така, презентацијата на идејата за нормализација е правно, уставно и политички неприфатлива. Ирачката влада и претходно го изнесе историскиот и непроменлив став на Ирак за праведната палестинска борба, во одбрана на правата на палестинскиот народ, Кудс (Ерусалим) како главен град на државата Палестина и дека ционистичките напади конечно мора да запрат“, се вели во соопштението.
Групата што наводно му припаѓа на племето во Ербил, вчера побара Ирак да воспостави односи со Израел, како што го сторија тоа некои други арапски држави.
Договорот за нормализација на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин е потпишан на свеченост во Белата куќа на 15 септември 2020 година.
Владата во Картум исто така одлучи да ги нормализира односите со Израел на 23 октомври 2020 година откако тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, го отстрани Судан од листата на „земји кои го поддржуваат тероризмот“.
По Судан, Мароко исто така постигна договор за нормализација на односите со Израел на 10 декември 2020 година.