БЕРЛИН (АА)
- Ербил БАШАЈ / Џунејт КАРАДАГ
Граѓаните на Германија во недела, 26 септември, на општи избори ќе го бираат новиот 20. состав на Бундестагот, известува Агенција Анадолија (АА).
На изборите што се одржуваат во сенка на пандемијата на коронавирусот, во вкупно 16 германски покраини се поставени околу 85.000 избирачки кутии, а право на глас имаат 60,4 милиони граѓани. Во процесот на одржување на изборите, на кои 2,8 милиони млади за првпат ќе гласаат, ќе биде ангажиран персонал од 650.000 лица.
На изборите се пријавени 6.211 кандидати, а во изборната трка учествуваат 47 политички партии.
Во Германија, која е поделена на 299 изборни единици, гласачите ќе дадат по два гласа за избор на 598 членови на новиот Парламент. Гласачите ќе го дадат првиот глас за парламентарниот кандидат во својот регион, а вториот глас за партијата што ја избрале.
Право на глас на претстојните избори во Германија имаат и 7,5 милиони имигранти, меѓу кои и 900.000 Турци.
На изборите во недела, на кои не се кандидираше актуелната канцеларка Ангела Меркел, која е на власт 16 години, за позицијата канцелар на Германија се натпреваруваат тројца кандидати. Кандидати за премиер на Германија се Армин Лашет (60), шеф на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Олаф Шолц (63), кандидат на Социјалдемократската партија (SPD) и актуелен министер за финансии, и Аналена Баербок (40), кандидатка на Партијата на зелените и партиски копретседавач.
Граѓаните имаат можност да гласаат и по пошта. Се наведува дека оваа година, особено поради пандемијата на Ковид-19, голем број гласачи ќе го искористат своето право гласајќи по пошта.
Практиката за гласање по пошта во Германија започна во 1957 година. Тогаш оваа можност ја искористија 5% од гласачите, додека тој процент на изборите во 2017 година се зголеми на 29%. Се очекува дека процентот на гласачи што својата граѓанска должност ќе ја извршат по пошта оваа година би изнесувал околу 40%.
И покрај фактот дека СПД води во анкетите спроведени последните недели, се предвидува дека изборите ќе изминат во тесна трка меѓу СПД и ЦДУ/ЦСУ.
На изборите во 2017 година ЦДУ/ЦСУ освои 32,9% гласови, СПД 20,5%, Алтернатива за Германија (AfD) 12,6%, Слободната демократска партија (FDP) 10,7%, Партијата на левицата 9,2%, а Зелените 8,9%.
Според анкетите, СПД, чиј кандидат е Олаф Шолц, актуелен министер за финансии и потпретседател на Владата на Германија, во моментов има поддршка од 25% од гласачите, додека Армин Лашет, кандидат на ЦДУ/ЦСУ, има поддршка од 23%.
Според истите анкети, процентот на гласовите на Зелените, кои со Аналена Баербок за првпат номинираат кандидат за канцелар, изнесува од 15 до 17 отсто.
Партијата Алтернатива за Германија (AfD), која е позната по своите екстремно десничарски и расистички ставови, е четврта партија на листата со 11 до 12% од гласовите. Исто толку, според анкетите, има и Слободната демократска партија (FDP). Партијата на левицата има поддршка од 6 до 7% од гласовите, па се очекува дека таа ќе успее да го премине изборниот праг од 5%.
Според сликата што се очекува да се формира по изборите, преговорите за коалиција ќе бидат тешки, а имињата на две африкански земји, Јамајка и Кенија, често ќе се слушаат во јавноста.
Иако ЦДУ/ЦСУ најави дека нема да влегува во коалиција со Алтернатива за Германија (AfD) и Партијата на левицата, важно е да се спомене дека СПД не даде изјава дека нема да коалицира со Партијата на левицата, во која се вклучени екстремно леви групи кои се противат на НАТО.
Покрај ЦДУ/ЦСУ, сите партии за кои се очекува да бидат застапени во Парламентот објавија дека нема да составуваат влада со Алтернатива за Германија (AfD).
Според процентот на гласови на партиите во анкетите, земајќи ја предвид можноста за коалиција, 5 од 6 опции упатуваат на коалициска Влада што можат да ја состават три партии.
Коалицијата ЦДУ/ЦСУ, Зелените и Слободната демократска партија (FDP) е една од можните опции, именувана како „Јамајска коалиција“, бидејќи боите на партиите (црна-зелена-жолта) потсетуваат на знамето на Јамајка.
Втора можност е коалицијата СПД, ЦДУ/ЦСУ и Зелените, која пак, ја нарекуваат „Кениска коалиција“, бидејќи боите на партиите (црвена-црна-зелена) потсетуваат на знамето на Кенија.
Трета можност е партиите по изборите да формираат таканаречена „Семафор коалиција“, во која би учествувале СПД, ФДП и Зелените.
Една од опциите е „Германска коалиција“, а се однесува на влада што би ја сочинувале ЦДУ/ЦСУ, СПД и ФДП.
Иако веројатноста за сојузништво меѓу СПД, Партијата на левицата и Зелените е многу мала, тоа не е невозможно и би предизвикало големи контроверзии во Германија.
„Голема коалиција“ составена од ЦДУ/ЦСУ и СПД би можела да биде една од можностите за формирање двопартиска коалиција.
Која од споменатите опции на крајот ќе дојде на власт, ќе се знае по изборите и разговорите за коалиција. По општите избори во 2017 година, коалициските преговори траеја околу 6 месеци.
Од друга страна, со нетрпение се очекува колку гласови на овие избори ќе освои крајно десната партија АфД, која во 2017 година освои 12,4% од гласовите. Се очекува партијата АфД, која во анкетите доби меѓу 11 и 12% од гласовите, да биде моќна, особено во источните германски покраини.
Освен општите избори на 26 септември, во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија ќе се одржат и избори за покраински совети.
news_share_descriptionsubscription_contact
