Jeyhun Aliyev
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
БАКУ (АА) - Излезните анкети покажуваат дека кандидатите од владејачката партија Нов Азербејџан освоиле мнозински број места во парламентот на вчера одржаните избори во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според прелиминарните резултати, владејачата партија освоила 69 места во Мили Меџлис или Националното Собрание, соопшти американската компанија за спроведување анкети Arthur J Finkelstein & Associates Inc.
Според азербејџанската новинска агенција Тренд, независните кандидати освоиле 41 место во парламентот.
Агенцијата истакнува дека според објавените резултати на компанијата, партијата Обединет Азербејџан освоила три пратенички места, а Партијата за демократски реформи, Големата партија на создавањето, Народниот фронт на целосен Азербејџан и азербејџанската Демократска партија освоиле по едно пратеничко место.
Анкетите беа спроведени во 1.053 изборни единици со учество на 2.106 лица, додава Агенцијата.
Вчерашните избори беа петтите избори кои ги следи компанијата во Азербејџан.
Францускиот истражувачки институт „OpinionWay“ исто така ги објави резултатите од изборите.
Бруно Жанбарт, извршен директор на институтот, на прес-конференција изјави дека излезните анкети биле спроведени во 236 избирачки места во градот и во руралните места на Азербејџан.
Жанбарт рече дека во анкетите биле вклучени 10.119 лица, додавајќи дека излезноста на гласачите била 55,06 отсто.
Тој не даде детали за распределеноста на гласовите по партии.
Се очекува официјално соопштение од Централната изборна комисија на Азербејџан.
На изборите учествуваа 1.314 кандидати, од кои мнозинството не припаѓаа на ниту една политичка партија. Меѓу нив имаше речиси 300 кандидатки.
Право на глас имаа над 5,3 милиони луѓе.
Предвремените избори ги следеа над 130 меѓународни медиуми од 47 земји, и над 77.000 локални и 883 странски набудувачи беа акредитирани за следење на изборите.