Nilay Kar
14 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
КИЕВ (АА) - Украинските власти соопштија дека во саботата во нападите на проруските бунтовници во источниот дел на земјата биле убиени четворица цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Три жени и еден маж загинаа од граната која падна во дворот на нивната зграда во Авдијивка, потврди Павло Зебривски, шеф на воената и цивилната администрација во регионот Доњецк.
Претседателот на Украина, Петро Порошенко, поради нападите го откажа своето планирано присуство на финалето на „Песна на Евровизија“, кое синоќа се одржа во Киев.
Конфликтот во источниот дел на Украина трае од април 2014 година, откако Русија го анектираше Крим.
Иако уште во февруари 2015 година беше потпишан мировниот договор во Минск, источниот дел на Украина сѐ уште е место на чести судири и на кревко примирје. Според податоците на ОН, околу 10.000 лица се убиени од почетокот на конфликтот.