Mustafa Deveci
19 Јули 2020•Ажурирај: 20 Јули 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелците одржаа демонстрации во Тел Авив и Западен Ерусалим со барања за оставка на премиерот Бенјамин Нетанјаху, со образложение дека не успеал да се избори против епидемијата на коронавирусот (Ковид-19), како и за обвинувањата за корупција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Израел, каде што трае вториот бран од епидемијата на Ковид-19, продолжуваат да се интензивираат демонстрациите против премиерот Нетанјаху.
Стотици луѓе присуствуваа на демонстрациите пред резиденцијата на премиерот во Западен Ерусалим и плоштадот „Рабин“ во Тел Авив.
За време на демонстрациите Нетанјаху беше повикан да поднесе оставка, а некои демонстранти носеа маски на кои пишуваше „премиер на криминалот“.
На протестите во Западен Ерусалим демонстрантите, пробивајќи ги полициските барикади, успеаја да стигнат до предниот дел на резиденцијата на премиерот.
Полицијата ги зголеми безбедносните мерки околу резиденцијата, додека демонстрантите против Нетанјаху протестираа со свирежи.
Демонстрациите против Нетанјаху во Израел започнаа поради тоа што стапката на невработеност во земјата се искачи на 21 процент за време на епидемијата на Ковид-19.
Илјадници луѓе присуствуваа на демонстрациите што се одржаа во Тел Авив на 11 јули затоа што Владата на Нетанјаху не обезбеди соодветна помош за секторите погодени од епидемијата.
Исто така, на 14 јули се одржаа демонстрации пред резиденцијата на премиерот во Западен Ерусалим, повторно со учество на илјадници луѓе.
По демонстрациите дојде до судир меѓу демонстрантите, кои блокирале одредени патишта, и полицијата. За време на демонстрациите приведени беа 50 лица.