Samar L. Kasim
23 Октомври 2023•Ажурирај: 24 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври загинаа повеќе од 1.000 жени и 1.900 деца, а половина милион Палестинци се раселени, објави Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа, јавува Анадолу.
Оттаму истакнаа дека до вчера загинале 1.023 жени.
„Продолжувањето на злосторствата на израелските окупатори врз жените, девојчињата и децата е воено злосторство осудено со сите меѓународни и хуманитарни конвенции“, беше соопштено.
Тие ги наведоа и податоците од Министерството за здравство на Газа дека повеќе од 1.900 деца загинале во тековните израелски напади врз Појасот Газа.
Соопштението се повикува и на извештајот на „UN Women“ во кој се вели дека бројот на вдовици надминал 1.000.
Канцеларијата за медиуми ги повика институциите кои се занимаваат со правата на децата „да се соочат со злосторствата на окупацијата и да го разоткријат таргетирањето на палестинските деца и жени.“
Израелската армија продолжи со интензивните воздушни напади врз Газа во кои уништи цели населби.
Најмалку 4.651 Палестинец, вклучувајќи 1.873 деца, загинаа во израелските напади врз Газа.
Неутврден број луѓе останати се заробени под урнатините.
Израел започна со бомбардирање на Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври, и ја стави целата енклава под блокада, оставајќи ги нејзините 2,3 милиони жители со малку храна, вода, гориво и медицински материјали.