Sena Güler
01 Април 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Војската на Мјанмар, која ја собори избраната Влада на земјата преку државен удар во февруари годинава, денеска прогласи едномесечен прекин на огнот во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето до нацијата, воениот началник генерал Мин Аунг Хлаинг рече дека Армијата прогласила едностран прекин на огнот до 30 април со цел да ги продолжи мировните разговори со етничките вооружени групи во земјата и мирно да го прослави будистичкиот фестивал на Тингијан од 13 до 16 април.
„Обезбедувањето на јавниот ред и мир од страна на Армијата против активностите што го нарушуваат функционирањето на Владата е надвор од примирјето“, рече тој, истакнувајќи исклучок од примирјето.
Во меѓувреме, Армијата за независност на Качин (КИА) - етничка вооружена група против пучот - зазеде полициска станица во област на државата Качин.
Говорејќи за операцијата, портпаролот на КИА рече дека тие успеале да ја заземат полициската станица од стратешко значење за Армијата на Мјанмар во областа Кјаукгји за време на операцијата на полноќ.
Истакнувајќи дека Армијата ја користела полициската станица веќе некое време, тој не откри информации за жртвите за време на операцијата.
Етничките вооружени групи на КИА и Националната унија „Карен“ најавија дека ќе ги штитат демонстрантите против пучистите.
Армијата на Аракан (АА), Националната ослободителна армија „Таан“ (TNLA) и Армијата на националната демократска алијанса на Мјанмар (MNDAA), кои потпишаа примирје со Армијата во 2018 година, во вторникот објавија дека ќе го раскинат договорот доколку Армијата не го запре нејзиното насилство врз демонстрантите.
На 1 февруари, Армијата на Мјанмар ја собори избраната Влада на Аунг Сан Су Чи. Како одговор на државниот удар, цивилните групи низ целата земја започнаа кампања за граѓанска непослушност со масовни демонстрации.
Најмалку 536 демонстранти ги загубија своите животи во вооружената интервенција на безбедносните сили.
Додека во земјата продолжуваат големите демонстрации, на високите државни функционери во притвор продолжува да им се суди пред воен суд.