Burak Karacaoğlu
27 Декември 2018•Ажурирај: 28 Декември 2018
ИДЛИБ (АА) - Обилни врнежи во текот на последните два дена ги зафатија сириските градови Идлиб и Латакија. Врнежите предизвикаа и поплави во овој дел на земјата, поради што 11 бегалски кампови, во кои престојуваат околу 70.000 цивили, останаа под вода, јавува Anadolu Agency (AA).
Водата зафати голем број шатори во бегалските кампови „Атме“, „Ках“, „Кераме“, „Худа“ и „Омер“, недалеку од Идлиб и кампот „Хирбатул Џевз“, во близина на Латакија.
Откако поплавите ги зафатија бегалските кампови во регионот, од Турската хуманитарна организација ИХХ е потврдено дека во координација со невладините организации од Сирија, во близина на градот Идлиб ќе биде формиран привремен центар во кој ќе престојуваат бегалците.
Саит Саит, бегалка од кампот „Омер“, за АА потврди дека ова се најобилните врнежи и поплави кои го погодиле кампот во последните осум години.
„Кампот е поплавен. Одредени кампови се уништени. Во нашиот камп делумно или целосно се оштетени меѓу 150 и 200 шатори. Голем број бегалци беа принудени да го напуштат кампот“, изјави Саит, и додаде дека очекуваат дека на бегалците погодени од поплавите ќе им помогне соседна Турција.
Абдулатиф Мухамед истакна дека илјадници семејства биле принудени да го напуштат кампот и да се засолнат на ридовите во околината.
„Во камповите не постои неопходна инфраструктура. Нема канализација. Никогаш претходно немало вакви врнежи во овој регион. Во некои кампови шаторите се паднаа врз бегалците. Страдаше и голем број грла стока“, изјави Мухамед.
Ахмет Ариф раскажа дека во поплавите кои го зафатиле нивниот камп изгубил сѐ што имал.
„Во нашиот шатор живееја три семејства. Каде сега да ги однесам моите деца? Не знам ни сам како успеав да ги спасам. Мојот 85-годишен татко е префрлен во болница, не знам во каква состојба е. Ниту имаме што да јадеме, ниту каде да преспиеме. Кажете ми што да правам“, праша Ариф.