Adem Şalvarcıoğlu
07 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
ЕЛ РОДЕО (АА) - Вулканот Фуего во Гватемала и понатаму исфрла вжарена лава и пепел, а бројот на смртно настрадани од последиците од ерупцијата се искачи на 99, јавува Anadolu Agency (AA).
Институтот за форензика во Гватемала соопшти дека спасувачките екипи досега ги пронашле телата на 99 загинати, и дека најмалку 150 лица сè уште се водат како исчезнати.
Во соопштението се наведува дека синоќешните нови експлозии на вулканот предизвикале дополнителна паника меѓу населението, но и дополнително ги отежнале акциите на надлежните спасувачки тимови на терен.
Шефот на Институтот за форензика, Фануел Гарсија, соопшти дека спасувачките екипи и понатаму се на терен, но и дека се мали шансите меѓу исчезнатите да има преживеани.
Вулканот се наоѓа на само 40 километри од главниот град, а по ерупцијата во неделата вжарената лава го запали Ел Родео.
Од кругот околу вулканот се евакуирани најмалку 3.200 жители, а од Цивилната заштита на Гватемала јавуваат дека од ерупцијата на вулканот се загрозени речиси 1,7 милиони луѓе.