Ayhan Şimşek
14 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денес ја истакна важноста од блиска соработка со Турција за изнаоѓање дипломатско решение за војната во Украина.
„За нас е важно да останеме во блиска координација со Турција, која е партнер на НАТО, и игра голема улога“, рече заменик-портпаролот на Владата, Волфганг Бухнер, на прес-конференцијата во Берлин.
„Ние мораме да работиме заедно за да постигнеме прекин на огнот во Украина што е можно порано, и да го браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, додаде тој.
Германскиот канцелар Олаф Шолц допатува во прва официјална посета на Анкара, на разговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за билатералните односи, регионалните прашања и дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина.
По напорите на Турција, рускиот и украинскиот министер за надворешни работи се сретнаа во Анталија минатата недела на нивната прва средба лице в лице од почетокот на војната на 24 февруари.
Руската и украинската делегација исто така ќе одржат состанок преку видеоконференција, за да дискутираат за прекин на огнот, итно повлекување на војниците и безбедносните гаранции.
Најмалку 596 цивили загинаа, а 1.067 се повредени во Украина од почетокот на војната, според ОН, кои велат дека условите на теренот го отежнуваат потврдувањето на вистинската бројка.
Повеќе од 2,8 милиони луѓе исто така пребегаа во соседните земји, вели Агенцијата за бегалци на ОН.