Ekipa
28 Август 2017•Ажурирај: 29 Август 2017
БЕРЛИН (АА) - Германски здравствен работник кој пред две години беше осуден на доживотна казна затвор поради убиство на двајца пациенти, сега се сомничи за уште најмалку 84 убиства, соопштија германските власти, јавува Anadolu Agency (AA).
Нилс Хегел во 2015 година беше осуден за убиство и за два обида за предозирање на пациенти со лекови за срце, во северозападниот град Делменхорст. Истражувачите проценуваат дека осомничениот е одговорен за смртта на уште десетици пациенти.
Убиствата се откриени бидејќи Хегел бил осуден поради обид за убиство во втората судска постапка. Властите дополнително истражија стотици смртни случаи и ги ексхумираа телата на починати пациенти во Делменхорст и во Олденбург.
Началникот на полицијата во Олденбург, Јохан Куеме, денес изјави дека властите засега имаат докази за 84 убиства.
Бројот на убиените пациенти веројатно е поголем, бидејќи некои жртви биле кремирани, така што е невозможно да се соберат докази.
Куеме тврди дека многу смртни случаи можеле да бидат спречени.
„Тоа можеше да се спречи доколку одговорните лица, особено во болницата во Олденбург, но подоцна и Делменхорст, не се двоумеа да ги предупредат надлежните органи“, изјави Куеме.
Германските власти отворија кривични постапки против поранешниот персонал во двете болници.