Ahmet Gençtürk
27 Ноември 2024•Ажурирај: 27 Ноември 2024
АТИНА (АА) - Германија, Италија, Грција и Швајцарија денес го поздравија новиот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Либан, јавува Анадолу.
Германскиот канцелар Олаф Шолц на социјалната мрежа Х за договорот напиша:
„Важно е сите да се држат до договореното за да можат луѓето од двете страни на границата повторно да живеат безбедно.“
„Примирјето сега дава можност за стабилизација на границата меѓу Израел и Либан и раселените лица да се вратат во своите домови“, рече италијанската премиерка Џорџија Мелони.
Велејќи дека имплементацијата на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН е клучна за постигнување на овие цели, таа додаде:
„Заедно со своите партнери во ЕУ и Г-7, Италија ќе продолжи да работи во оваа насока преку присуството на нашиот контингент во (ОН либански мировници) УНИФИЛ - кои никогаш не ги напуштија своите позиции за време на овие месеци со борби - продолжувајќи да играат водечка улога во меѓународната поддршка за либанските вооружени сили.“
Поздравувајќи го договорот „како позитивен почетен чекор кон траен мир во регионот“, грчкото Министерство за надворешни работи на социјалната мрежа Х наведе: „Ги повикуваме сите вклучени страни да го спроведат овој договор во корист на сите цивили и регионалната стабилност.“
Швајцарското Министерство за надворешни работи го поздрави прекинот на огнот на социјалната мрежа Х, велејќи: „Време е да се стави крај на страдањата на цивилите.“
„Швајцарија ги повикува сите страни целосно да го спроведат договорот заснован врз Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН“, се додава во соопштението.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан стапи на сила рано утринава, неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека е постигнат договор за ставање крај на конфликтот, во услови на надеж дека тоа ќе ги запре израелските воздушни напади врз либанските населени места по повеќе од една година.
Според либанските здравствени власти, во израелските напади во Либан убиени се повеќе од 3.800 луѓе, а над еден милион се раселени од октомври 2023 година.