Ayhan Şimşek
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска вети дополнителна воена помош за Украина, но ја отфрли директната интервенција на НАТО за запирање на руската агресија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на заедничката прес конференција со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека сакаат да најдат дипломатско решение за конфликтот и дека ќе останат во солидарност со украинскиот народ.
„Ние обезбедуваме финансиска поддршка, хуманитарна помош, а исто така и воена опрема. Германија го дава својот придонес овде и ние ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече тој.
Шолц ги отфрли повиците за вклучување на НАТО на теренот, со испраќање мировни сили или воспоставување зона на забранети летови, како што предложија неколку политичари.
„Јас сакам да бидам многу јасен и да кажам дека НАТО нема воено да интервенира во оваа војна“, истакна тој.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека сојузничките земји ќе продолжат да помагаат во самоодбраната на Украина, но нема да преземаат чекори кои би можеле да предизвикаат поширок конфликт.
„НАТО има одговорност да спречи овој конфликт дополнително да ескалира. Тоа ќе биде дури поопасно и ќе предизвика повеќе страдање, смрт и уништување“, рече тој.
Столтенберг го повика Кремљ веднаш да ја запре воената кампања и да се врати на преговарачката маса.
„Ова е војна на претседателот Путин. Тој мора да ја запре војната, да ги повлече неговите сили и да се вклучи во дипломатијата со добра волја“, рече тој.