Elena Teslova
17 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека американскиот претседател Џо Бајден, како лидер на земја која долги години „бомбардира луѓе околу светот“ и фрла нуклеарни бомби врз поразените јапонски градови Хирошима и Нагасаки, нема право да го обвинува рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства, јавува Агенција Анадолија (АА).
На брифингот за новинарите во Москва, Песков рече дека изјавата на Бајден е „недозволива, неприфатлива, неоправдана“.
„И што е најважно, лидерот на државата [САД] која долги години ги бомбардираше луѓето околу светот, и фрлаше нуклеарни бомби врз земја која веќе беше поразена, мислам на Хирошима и Нагасаки, нема право да дава таква изјава“, рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање вчера, Бајден рече дека го смета Путин за воен злосторник.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на светските фирми од Русија.
Според ОН, најмалку 726 цивили загинале, а 1.174 се повредени во Украина од почетокот на војната. Над 3,1 милиони бегалци ја напуштија земјата и пребегаа во соседните држави, според Агенцијата за бегалци на ОН.