Erbil Başay
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, главниот град на Германија, се состана со британската премиерка Тереза Меј, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел ја пречека британската премиерка во зградата на Владата. Двете лидерки, се фотографираа за медиумите пред зградата на Владата, а потоа средбата ја продолжија зад затворени врати.
Средбата траеше околу 1,5 час.
Според информациите во германските медиуми, двете лидерки сакале да го спречат излегувањето на Велика Британија од Европската Унија на 12 април, без договор. Меркел и Меј размениле идеи пред утрешниот состанок во Брисел на лидерите на ЕУ, каде што на агендата е Брегзит.
Во германските медуими се истакнува дека Меј побарала процесот за Брегзит да биде одложен до 30 јуни.
Меј, по Берлин ќе замине за Париз, каде што вечерва се очекува да оствари средба со францускиот претседател Емануел Макрон.
- Процесот Брегзит -
Договорот Брегзит постигнат помеѓу ЕУ и Велика Британија беше одбиен трипати во британскиот Парламент.
Парламентот во ниту едно гласање не поддржа ниту едно сценарио за Брегзит.
Според Договорот меѓу ЕУ и Велика Британија, Брегзит требаше да се реализира на 29 март, но беше одложен за 12 април.
Се очекува утре на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, Велика Британија од Унијата да побара уште едно одложување за Брегзит.
Со референдумот одржан на 23 јуни, 2016 година, Британија донесе одлука за напуштање на Европската Унија. Членот 50 од Лисабонскиот договор – со којшто официјално започнува процедурата за излез од ЕУ – Британија го активираше на 29 март 2017 година и на тој начин започна процесот на преговори кој требаше да трае две години.