Erbil Başay
31 Декември 2021•Ажурирај: 01 Јануари 2022
БЕРЛИН
Германскиот канцелар Олаф Шолц, повикувајќи на единство во Новата година, рече дека негова најголема желба за 2022 година е општеството да остане заедно, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во новогодишната порака што ќе биде емитувана вечерва на телевизија, Шолц, посочувајќи ја епидемијата на Ковид-19 и катастрофата од поплавите што се случија во Германија во јули, рече дека 2021 година била тешка за сите.
Потсетувајќи дека некои луѓе се жалат на поделеноста на општеството, Шолц рече: „Сакам јасно да кажам. Точно е спротивното. Нашата земја не е поделена. Она што го сфаќам е голема солидарност насекаде.“
Тој наведе дека постојат различни мислења и оценки, особено за Ковид-19: „Ова најчесто е заморно. Силно општество може да ги издржи овие противречности само доколку се слушаме и почитуваме.“
Потсети дека епидемијата не е завршена и дека новата варијанта брзо се шири, при што ги повика граѓаните да се придржуваат до мерките за Ковид-19 и да се вакцинираат.
„Ви се обраќам уште еднаш, вакцинирајте се. Знам дека некои луѓе се скептични. Тие се загрижени дека вакцината може да има негативни последици. Во моментов, околу 4 милијарди луѓе во светот се вакцинирани. Немаше големи несакани ефекти. Голем број луѓе кои се вакцинирани, станаа родители и имаат здрави бебиња. Придобивките од вакцината се навистина големи. Особено новата варијанта на вирусот треба да биде одлучувачки фактор за да се вакцинирате. Ова е излезот од епидемијата“, нагласи Шолц.
Посочувајќи дека вакцинацијата ги штити луѓето да бидат тешко заболени, Шолц рече: „Мораме да бидеме побрзи од вирусот.“
Шолц изјави дека новоформираната Влада во Германија поставила амбициозни цели за земјата да постигне добар напредок.
Осврнувајќи се на нејзината цел да ја заштитат климата, Шолц рече дека ќе ја направат Германија независна од јаглен, нафта и гас за 25 години, како и дека имаат за цел да произведуваат двојно повеќе електрична енергија од ветер, сончева енергија и други обновливи извори на енергија.
Потсетувајќи дека Германија ќе претседава со Г7 во 2022 година, Шолц истакна дека Германија ќе вложи напори да ги води земјите од Г7 во прашањата за заштита на климата и свет во кој ќе владее правото.
Нагласи дека ќе работат за успехот на Европската Унија (ЕУ) и дека целта е суверена и силна Европа, и додаде: „Трансатлантската соработка е незаменлива за безбедноста на Европа.“
Посакувајќи им на граѓаните благосостојба и здравје во Новата година, Шолц рече: „Мојата најголема желба за 2022 година е да бидеме единствени.“