Zeynep Katre Oran
07 Април 2024•Ажурирај: 08 Април 2024
ЊУЈОРК (АА)
Мартин Грифитс, координатор на Обединетите нации (ОН) за итна помош, изјави дека Палестинците сѐ повеќе се соочуваат со смрт, уништување и глад, известува Анадолу.
Грифитс на социјалната мрежа Х сподели објава за израелските напади на Појасот Газа кои траат веќе 6 месеци и случувањата во палестинската енклава ги нарече „Предавство на човештвото“.
Тој нагласи дека населението на Газа константно се соочува со смрт, уништување и глад и додаде:
„Оваа војна со секој изминат ден одзема сѐ повеќе цивилни животи. Како што јас и многумина други повеќепати рекоа, веќе многу се задоцни за оваа војна да заврши“.
Грифитс истакна дека веќе никој не е сигурен во Газа и дека нема безбедно место на тоа подрачје.
Според него, тековите на хуманитарната помош што ја доставуваат меѓународните и регионалните организации во Газа се нарушени поради бомбардирањата, несигурноста и блокираниот пристап.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Оттогаш се убиени 33.137 Палестинци, од кои 14.500 деца и 9.560 жени, а 75.815 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни работи.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) укажа на дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено обезбедување“ помош за Појасот Газа, во тековната постапка за геноцид против Израел.