Ekipa
18 Февруари 2022•Ажурирај: 19 Февруари 2022
АТИНА (АА) ‒ Стотици луѓе се спасени, а 10 сѐ уште се водат како исчезнати по пожарот што избувна на траектот кој тргна од Грција кон Италија утринава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според локалните медиуми, во тек е операција за спасување на уште двајца патници заробени во гаражата на бродот.
Според грчката крајбрежна стража, засега нема извештаи за повредени или загинати.
Според официјалните информации од Министерството за поморство, на бродот имало вкупно 290 патници и членови на екипажот. Од нив, 21 се Грци, од кои 14 патници и 7 члена на екипажот.
Траектот „Еурофери Олимпија“, кој плови со италијанско знаме, тргна од западното грчко пристаниште Игуменица со 290 патници и членови на екипажот, упатувајќи се кон италијанското пристаниште Бриндизи, патување долго околу девет часа.
Пожарот, чија причина допрва ќе се утврдува, избувнал во близина на островот Крф во Јонското Море.
Спасените патници се префрлени на Крф, додека еден патник со проблеми со дишењето е пренесен во болница, според последните информации од крајбрежната стража.
Во спасувачката операција во моментов се ангажирани неколку брода на крајбрежната стража и противпожарни чамци.