Mehmet Hatipoğlu
17 Јануари 2021•Ажурирај: 18 Јануари 2021
КОМОТИНИ (АА) - Навредливите изјави на архиепископот атински Јероним II во врска со исламот како вера и муслиманите, предизвикаа реакции во Грција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Советодавниот одбор на турското малцинство во Западна Тракија (БТТАДК), објавено на нивниот профил на социјалните мрежи, се осудуваат изјавите на грчкиот архиепископ Јероним II насочени кон исламот и се вели: „Се надеваме дека во овој тежок период, наместо антиисламска реторика ќе се користи помирен и обединувачки говор.“
И во соопштението што го даде Здружението на матуранти и членови на Гимназијата „Имам Хатип“ од Западна Тракија (BİHLİMDER) се нагласува дека Јероним II поради „амбиции и љубомора“ кажал непристојни зборови што не ѝ прилегаат на неговата позиција, истакнувајќи дека тој треба да се извини.
„Го осудуваме овој непријателски став, а во каква духовна состојба е сопственикот на зборовите што дури и обична личност не може да ги каже, им препуштаме на експертите. Во оваа прилика, ја покануваме оваа личност да му се извини на целото човештво, првенствено на припадниците на исламот“, се додава во соопштението на Здружението.
Во соопштението што го објави Здружението на дипломирани студенти, припадници на малцинствата во Западна Тракија (BTAYTD) се наведува дека размислувањата на Јероним II за исламот се далеку од теолошките и историските факти.
„Исто така, би сакале да истакнеме дека кај нас тага и збунетост создаде фактот дека изјавата доаѓа од личност што се наоѓа на важна и клучна позиција, а особено што станува збор за свештеник“, наведуваат од Здружението.
Реакција упати и Ахмет Ибрам, потпретседателот на Здружението за Источна Македонија и Тракија, изјавувајќи дека се неприфатливи дискурсите на Јероним II за исламската религија како „политичка партија“.
Ибрам, нагласувајќи дека грчкиот архиепископ Јероним II во врска со исламот демонстрирал однесување што не му доликува на еден свештеник. „Едно од основните верувања на исламот е фактот дека животот е заснован на меѓуверски мир и спокој. Неприфатливо е негување омраза и непријателство кон припадниците на другите религии.“
Ондер Мумин, градоначалник на Иазмос во грчкиот округ Родоп, ги опиша како „несреќни“ изјавите на архиепископот Јероним II за исламската вера.
Грчкиот архиепископ Јероним II како гостин во програмата на телевизискиот канал „Опен ТВ“ во која се зборуваше за ослободителната војна во Грција, изјави дека „исламот не е религија“ и дека „муслиманите се луѓе провоено настроени“.
Јероним II, кој пред камерите се појави со оружје и некои свети мошти во раката за кои рече дека потекнуваат од ослободителната војна, изјави: „Исламот, неговите луѓе не се религија, тоа е политичка партија, една политичка желба, тие се луѓе на војната, луѓе на експанзионизмот. Тоа е одликата на исламот. И учењата на Мухамед го кажуваат ова.“