Ekipa
07 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вчера предупреди дека се предвидува оти до 2050 година, глобалната побарувачка за свежа вода ќе се зголеми за повеќе од 40 отсто и најмалку четвртина од светското население ќе живее во земји со „хроничен или чест“ недостаток на чиста вода.
Гутереш во Советот за безбедност на ОН изјави дека веќе во сите региони се зголемуваат напорите да се дојде до вода, и напомена дека три четвртини од земјите-членки на ОН ги делат сливовите на реките или езерата со своите соседи.
„Водата, мирот и безбедноста се нераскинливо поврзани. Без ефикасно управување со нашите водни ресурси, ризикуваме да се интензивираат споровите меѓу заедниците и секторите и да се зголеми напнатоста меѓу народите“, изјави Гутереш.
Претседателот на Боливија, Ево Моралес, чија земја претседава со Советот, истакна дека од 1947 година меѓу земјите избиле околу 37 конфликти поради вода.
„Нашата планета, човековото семејство и животот во сите негови облици на Земјата се во агонија на кризата со вода којашто само ќе се влоши во следните децении“, изјави Моралес.
Тој предупреди дека, доколку потрошувачката не се намали, третина од светското население ќе биде погодено од недостаток на вода до 2025 година.
Како што рече тој, моментално околу 800 милиони лица немаат пристап до пивка вода, а 2,5 милијарди немаат основни санитарни услови.