Ekipa
20 Декември 2016•Ажурирај: 21 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Евакуација чекаат околу 5.000 жители на источен Алепо, кој е под окупација на силите лојални на сирискиот режим Башар ал Асад и странските терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во согласност со договорот постигнат со посредство на Турција и Русија, во четвртокот започна процесот на евакуација на цивилите од сирискиот град Алепо и досега се спасени речиси 40.000 лица.
По Алепо, евакуацијата ќе започне и во Зебадани и Мадаја, во сириската престолнина Дамаск. Се очекува од овие два региона да бидат префрлени 1.500 лица во Идлиб.
Првиот конвој со цивили и бунтовници тргна на 15 декември од источен Алепо. Според податоците на официјалните лица што работат на евакуацијата на цивилите од Алепо, се очекува бројот на евакуираните до вечер да изнесува 40.000.
Евакуираните цивили и бунтовници се префрлени во Идлиб, кој се наоѓа во близина на турската граница, а е под контрола на опозицијата.
Во неделата беше обновен постигнатиот договор за прекин на судирите и за евакуација на цивилите од Алепо. Покрај евакуацијата на цивилите од источните делови на Алепо, кои се под опсада на силите лојални на сирискиот режим, вчера почна и евакуацијата на цивилите и од квартовите Фуа и Кефреја коишто се под контрола на прорежимскиот Хезболах, а под опсада на силите на сириската опозиција.
Од вчера до денес, од овие два кварта во западниот дел на Алепо, кој е под контрола на режимските сили, префрлени се 1.384 лица.
Меѓутоа, евакуација од Алепо сѐ уште чекаат 5.000 лица.
Денес, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, соопшти дека досега од Алепо се евакуирани 37.500 лица, а дека целта е до утре да заврши комплетниот процес на евакуацијата.
Да потсетиме дека 18 цивили загинаа во нападите на конвојот во четвртокот и петокот.