Esat Fırat
21 Јули 2021•Ажурирај: 23 Јули 2021
КУДС (АА) - Палестинец и неговото дете, кои возеле со автомобил во окупираниот Западен Брег, нападнати се од страна на еврејските доселеници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гасан Даглас, одговорно лице за досието за еврејски населени единици при Палестинската ослободителна организација, во изјавата за АА истакна дека еврејските доселеници кои живеат во еврејската населба Шилох меѓу градовите Наблус и Рамала на Западниот Брег со камења ги нападнале Палестинците што минувале со своите возила.
Даглас истакна дека Палестинецот Давсем Раби и неговото дете, кои биле повредени во нападот со камења на еврејските доселеници, се пренесени во болница.
Според податоците на Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA), од почетокот на годинава до 21 мај, евидентирани се 154 напади врз имотите на Палестинците, а повредени се 66 лица.
По окупацијата од 1967 година, Израел на подрачјето на палестинскиот Западен Брег изгради повеќе од 250 илегални населби во кои моментално живеат повеќе од 400.000 еврејски доселеници.
Новоизградените еврејски населби според меѓународното право имаат статус на илегални населби, што го потврдуваат и низа резолуции на Обединетите нации (ОН).