Ali H. M.Abo Rezeg
14 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
КАИРО (АА) - Законодавната и уставна комисија при египетскиот Парламент го одобри договорот за поморска демаркација на границата, потпишан во април минатата година меѓу Каиро и Ријад, јавува Anadolu Agency (AA).
Според условите на договорот, суверенитетот над два острова во Црвеното Море, Тиран и Санафир, ќе биде префрлен од Египет на Саудиска Арабија.
Договорот беше одобрен од страна на мнозинството членови на комисијата, поточно 35 пратеници гласаа за и осуммина против договорот.
По вчерашното гласање, комисијата го поднесе договорот до парламентот, каде што пратениците ќе гласаат за него кога ќе биде одреден датумот за тоа.
Во одделни изјави за медиумите, парламентарни извори велат дека гласањето на комисијата ја потврдило уставноста на договорот.
Тие додаваат дека во однос на договорот мора да расправа парламентарната Комисија за одбрана и национална безбедност, пред тој да се стави на општо гласање во собранието.
Министерот за работата на парламентот, Омар Мерван, од своја страна рече дека Комисијата за одбрана ќе подготви финален извештај во врска со договорот, кој потоа ќе биде доставен до парламентот.
Претходно оваа година, египетскиот Виш управен суд издаде одлука со којашто се потврдува суверенитетот на Египет над двата острова и го одби предложениот трансфер на Саудиска Арабија.
Со својата пресуда, судот, египетското највисоко правно тело за жалби, ја отфрли жалбата на власта поднесена против претходната пресуда минатото лето.
Во април минатата година, Каиро ги објави плановите за трансфер на двата острова (кои беа под египетски суверенитет повеќе од шест децении) во сопственост на Саудиска Арабија.
Потегот предизвика револт во јавноста поради обвинувањата дека претседателот Абдел Фатах ал-Сиси ја продава египетската територија на кралството богато со нафта, кое од 2013 година му дава милијарди долари на Египет, за решавање на проблемите во економијата.