Burç Eruygur,Nur Asena Ertürk
23 Февруари 2024•Ажурирај: 28 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - Ерменија го суспендира своето членство во регионалниот воен сојуз предводен од Русија, пренесува Анадолу.
„Денес практично го замрзнавме нашето учество во овој договор, во оваа организација. А што ќе биде понатаму, ќе видиме“, изјави Никол Пашинјан во интервју за француската телевизија Франс24.
Пашинјан рече дека организацијата на Договорот за колективна безбедност, која обединува шест постсоветски држави, не успеала да ги исполни своите цели.
„Што се однесува до Ерменија, целите не се исполнети, а особено во 2021 и 2022 година. И не можевме да дозволиме да помине незабележано“, рече тој.
Другите поранешни советски членки на алијансата се Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.
Ерменското незадоволство од тој сојуз ескалираше по судирот во Карабах.
Ерменската војска во 1991 година го окупираше регионот Нагорно-Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан.
Азербејџан ослободи поголем дел од регионот Карабах за време на војната во есента 2020 година, која заврши со мировен договор постигнат со посредство на Русија, отворајќи ја вратата за нормализација.
Минатиот септември Азербејџан започна „антитерористичка операција“ во Карабах за воспоставување „уставен поредок“, по што се предадоа и преостанатите сепаратистички сили во регионот.