Faruk Zorlu
18 Февруари 2022•Ажурирај: 19 Февруари 2022
АНКАРА (АА) – Европската Унија (ЕУ) вчера остро го осуди нападот врз градинката во населбата Станица Луханска под контрола на украинската Влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Таквото неселективно гранатирање на цивилната инфраструктура е целосно неприфатливо и претставува јасно кршење на прекинот на огнот и Договорите од Минск“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Повикувајќи на итен прекин на тековната ескалација, Борел рече: „Како Европска Унија, ние сме обединети во нашата непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.“
„Европската Унија целосно ја поддржува работата на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) и повикува на нејзин неограничен пристап до целата територија на Украина, во согласност со нејзиниот мандат.“
Украинскиот Генералштаб објави фотографии од бомбардираната детска градинка на својот профил на социјалните мрежи, тврдејќи дека проруските сепаратистички борци ја бомбардирале населбата Станица Луханска под контрола на Владата во Киев.
Русија, според украинските власти и НАТО, неодамна распоредила над 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Негирајќи дека се подготвува за инвазија, Москва ги обвини западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија, исто така, издаде листа на безбедносни барања до Западот, вклучително и враќање на распоредувањето на војниците од некои поранешни советски републики и гаранции дека некои од тие држави нема да се приклучат на НАТО.
Во писмениот одговор на барањата, Вашингтон вели дека е посветен на одржување на политиката на отворени врати на НАТО, додека НАТО, исто така, го пренесе одговорот на Алијансата паралелно со САД.