Ömer Tuğrul Çam
06 Март 2023•Ажурирај: 07 Март 2023
БРИСЕЛ (АА) - Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, утрово соопшти дека разговарала со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за модернизација на грчката железница, пренесува Анадолу.
Фон дер Лајен во својата изјава, објавена на социјалните мрежи, наведе дека со Мицотакис разговарале за техничката поддршка што ЕУ може да ѝ ја даде на Грција со цел модернизирање на железницата и зголемување на безбедноста.
Таа во објавата вели дека експерти од Европската комисија и од Агенцијата за железници на ЕУ оваа недела ќе заминат за Атина, истакнувајќи дека безбедноста на железницата е главен приоритет.
Минатата недела во Грција се случи тешка железничка несреќа во која животот го загубија 57 лица, главно млади. Железничката несреќа дојде како последица на судир на два воза во близина на градот Лариса во северна Грција.
По несреќата беа упатени критики дека грчката железничка мрежа во должина од 2.500 километри, како дел од ЕУ, е инфраструктура на која најмногу ѝ е потребна модернизација и дека со години не се спроведени јавни инвестиции за модернизација на железницата.