Nuran Erkul Kaya
09 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
МОСКВА (АА)
- Нуран ЕРКУЛ КАЈА
Граѓаните на Русија кои почнаа да го чувствуваат влијанието на економските санкции врз нивниот секојдневен живот, сметаат дека санкциите ќе предизвикаат зголемување на цените во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
По нападот на Русија врз Украина, западните земји воведоа голем број економски санкции кон Русија.
Соединетите Американски Држави (САД) го забранија увозот на нафта, течниот природен гас (ЛНГ) и јагленот од Русија, додека Велика Британија одлучи постепено да го укине увозот на руска нафта и нафтени деривати до крајот на 2022 година.
По санкциите на земјите следуваше одлуката на голем број меѓународни компании, од енергетиката, технологијата, модата, да ја напуштат Русија или да го прекинат своето работење во Русија.
Граѓаните на Русија, која во моментов е најсанкционирана земја во светот, се загрижени дека економските санкции ќе влијаат на секојдневниот живот и ќе ги зголемат трошоците за живот.
Во изјава за дописникот на Агенција Анадолија (АА), руската државјанка Ирина, наведувајќи дека санкциите дефинитивно влијаат на нејзиниот секојдневен живот, рече: „Тоа може да го видиме и како нови можности. Можеме сами да се развиваме.“
- „Санкциите влијаат врз економијата, граѓаните и на сите Руси“
Граѓанинот Ислам кој е во Москва, истакна дека санкциите ги засегаат сите.
„Санкциите влијаат на економијата, на граѓаните и на сите Руси. Секако дека се потребни заштеди. Сите цени ќе се зголемат, доларите и еврата ќе поскапат. Санкциите дефинитивно имаат негативни страни“, нагласи Ислам.
Рускиот државјанин Јегор нагласи: „Не чувствувам никаков економски притисок, сѐ е во ред. Одвреме-навреме сум загрижен, но се надевам дека сѐ ќе се реши наскоро и сѐ ќе биде добро. Најверојатно ќе почнам да работам во областа на индустријата. Затоа што на нашата земја сега ѝ треба производство.“