Mahmoud Barakat
15 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
КАИРО (АА) - Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека 15 деца од Сирија во рок од еден месец починале како последица на студеното време и недостиг на медицинска нега, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ниските температури и тешките услови за живот во бегалскиот камп „Рукбан“, кој се наоѓа на југозападната граница на Сирија со Јордан, на високо ниво ги ставаат на ризик животите на децата кои живеат таму“, изјави регионалниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка, Герт Капелаере.
„За само еден месец, починаа најмалку 8 деца, од кои повеќето се на возраст под четири месеци, додека најмладото е старо само еден час“, изјави тој.
Во бегалскиот камп „Рукбан“ се сместени околу 45.000 лица, од кои 80 отсто се жени и деца.
Капелаере нагласи дека од декември најмалку 10.000 Сиријци го напуштиле подрачјето на Хаџин во северната сириска покраина Деир ез Зор, поради жестоките судири меѓу терористичките организации ДЕАШ и ПЈД/ПКК.
„Опасното и тешко патување го одзело животот на 7 деца, од кои повеќето биле на возраст под една година“, изјави директорот.
УНИЦЕФ ги повика сите страни итно да достават хуманитарна помош во „Рукбан“.
„Животите на бебињата продолжуваат да згаснуваат поради здравствените услови кои можат да се спречат или санираат. Не постојат изговори за ова во 21 век“, изјави тој, и додаде: „Оваа трагична човечка загуба на животот мора да заврши сега.“