Ayhan Şimşek,Büşra Nur Bilgiç Çakmak
20 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
БЕРЛИН (AA) - Германската канцеларка Ангела Меркел на самитот за Либија во Берлин изјави дека е постигнат сеопфатен план за поддршката на примирјето во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Берлин е одржан самит на кој се собраа светските лидери за да разговараат за воспоставување на трајно примирје и пронаоѓање политичко решение за повеќегодишната криза во Либија.
Доомаќините на самитот за Либија во Берлин, германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се обратија пред новинарите по завршувањето на конференцијата во седиштето на германската влада и истакнаа дека учесниците се согласни дека нема воено решение на кризата во Либија.
Истакнувајќи дека учесниците се согласни дека воено решение на либиската криза не е можно, Меркел рече дека е постигнат договор за сеопфатен план за поддршка на примирјето во Либија.
„Страните во судирот дадоа имиња за формирање воен комитет чиј состав ќе го сочинуваат 5+5 членови и чија задача ќе биде надзор на имплементацијата на примирјето", рече Меркел.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) рече дека учесниците на конференцијата од Берлин испратија силен сигнал на поддршка за воспоставување на трајно примирје и мировно решение за кризата во Либија.
Тој, исто така, рече дека учесниците се согласни и за неопходноста од имплементацијата на ембарго за оружје за Либија.
Гутереш рече дека ги примил имињата на петмината членови од Хафтар, за воениот комитет.
„Дојдовме во позиција во Женева во наредните неколку дена да биде свикан состанок на военикот комитет", рече Гутереш и најави продолжување на либиските мировни преговори во Женева.
Шефот на ОН нагласи три работи од денешниот самит кои ги смета за најважни.
„Прво, не можам доволно да ја нагласам важноста од заклучокот од самитот за тоа дека нема воено решение на конфликтот во Либија. Сите учесници се согласни за неопходно немешање во внатрешните прашања и судири во Либија", рече Гутереш.
Како втора важна точка Гутереш го наведе тоа што страните имаат желба да се воздржат од понатамошно продлабочување на конфликтот.
„Трето, од клучна важност е враќањето на политичкиот процес", рече Гутереш.
На конференцијата, меѓу останатите, учестуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Русија, Владмир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и египетскиот претседател Абдел Фетах ал Сиси, како и премиерите на Велика Британија и Италија, Борис Џонсон и Џузепе Конте и шефот на американската дипломатија Мајк Помпео.
На конференцијата во Берлин учествуваа и шефот на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, Фајез Ал Сарај и водачот на нелигитимните сили од истокот на Либија, Калифа Хафтар.
Меѓу учесниците беше и претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси и шефот на дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) Шеик Абдулах бин Зајед бин Султан Ал Нахјан.
Либија е упориште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година и соборувањето на Муамер Гадафи од власта. Оттогаш траат тензиите во двата спротивставени табори. Владата на национално единство со седиште во Триполи ја има поддршката од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно ги поддржуваат Египет и ОАЕ.
Сепаратистичките сили на Хафтар од април минатата година изведуваат напади со цел заземање на Триполи.
На повик на лидерите на Турција и Русија, Ердоган и Путин, во Либија на 12 јануари е воспоставено примирје. Мировните преговори минатата недела во Москва не резултираа со потпишување на договор за трајно примирје, бидејќи Хафтар преговорите ги напушти без потпис.