Şerife Çetin,Yusuf Hatip
20 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
БЕРЛИН (AA) - Во заедничката изјава учесниците на самитот за Либија во германскиот главен град Берлин порачаа дека поддржуваат формирање заедничка, единствена, инклузивна и ефикасна влада која ја одобрува Парламентот на Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Берлин е одржан самит на кој се собраа светските лидери за да разговараат за воспоставување на трајно примирје и пронаоѓање политичко решение за повеќегодишната криза во Либија.
По завршување на самитот, објавена е заедничка изјава на учесниците во која се наведува дека Политичкиот договор на Либија е важен патоказ за изнаоѓање на политичко решение на кризата во таа земја.
„Поддржуваме формирање обединет национален безбедносен систем на Либија кој ќе биде под контрола на централизирана и цивилна власт", се наведува во изјавата во која се додава дека е потребно полицијата и воените сили да се стават под иста контрола.
Учесниците во изјавата ги повикуваат Обединетите нации (ОН) да формираат технички комитети за контрола на имплементацијата на примирјето во Либија.
„Од почетокот на примирјето ги повикуваме страните и нивните поддржувачи да ги завршат воено-оружените активности", порачаа учесниците на конференцијата.
Учесниците понатаму повиквуаат политичкиот процес за решавање на кризата да му се врати на либискиот народ кој тој процес ќе го заврши со одржување на слободни, праведни и инклузивни избори во таа земја.
„Под покровителство на ОН со цел продолжување на координацијата по Берлинскиот самит формираме Меѓународен надзорен комитет", се наведува во заедничката изјава.
Комитетот ќе ги вклучува сите учесници на конференцијата и ќе се состанува на месечно ниво, а ќе содржи и четири работни групи.