Darren Christopher Lyn
30 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
ХЈУСТОН (АА) - Иран ѝ доставува на Русија стотици борбени дронови за да ѝ помогне во војната против Украина, соопштија западни разузнавачи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Транспортни авиони тргнаа од Иран на 19 август носејќи ја првата пратка на беспилотни летала за да им помогнат на руските сили, објави синоќа „Вашингтон пост“.
Дроновите можат да носат муниција за напади на радарски станици, артилеријата и други воени цели од информациите собрани од американски и други шпионски агенции.
Доставувањето на ова оружје покажува јасен сојуз меѓу Русија и Иран, во кој Москва и Техеран прават заеднички напори да добијат предност во војната во Украина.
Сепак, колку што доаѓањето на ова оружје може да ја зајакне руската воена офанзива, се појавија извештаи од американски безбедносни службеници дека новите беспилотни летала се соочуваат со технички потешкотии, при што иранското оружје доживеало голем број неуспеси за време на првичното тестирање.
„Постојат неколку грешки во системот“, рече официјален безбедносен претставник интервјуиран од „вашингтон пост“. „Русите не се задоволни“.
Руската војска има пристап до 1.500 - 2.000 летала за набљудување, но иранската пратка ѝ обезбедува на Русија оружје од кое има недостиг - борбени беспилотни летала способни да изведуваат прецизни напади врз цели длабоко во непријателската територија.
Од другата страна, на бојното поле Украина користеше борбени беспилотни летала од турско производство кои беа ефикасни во уништувањето на руските оклопни возила, камиони и артилерија.
Покрај тоа, САД ѝ помогнаа на Украина со артилериски ракетен систем со висока мобилност (HIMARS), кој може да лансира повеќе ракети со прецизност кон руските складишта за муниција и логистички резерви од речиси 50 милји.
„Русите немаат начин да ја ограничат штетата што сега им ја нанесува ХИМАРС“, рече во интервјуто Дмитри Алперович од тинк-тенкот „Silverado Policy Accelerator “ со седиште во Вашингтон. „Тие се надеваат дека јуришните дронови можат да помогнат“.
Администрацијата на Бајден го предупреди Техеран да не ги испраќа беспилотните летала во Русија, но разузнавачите рекоа дека тие предупредувања биле игнорирани.
И покрај тоа што оружјето [борбените дронови] се смета за едно од најсофистицираното иранско оружје, нивниот очигледен лош квалитет ги прави борбените дронови многу неефикасни во овој момент.